Колку ќе бидат ефективни мерките на Владата за справување со кризата и како тие ќе се одразат врз стопанството. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во дебатната емисија на ТВ21 Клик плус вели дека приоритетно во донесување на мерките било да се помогне на фирмите за да не дојде до отпуштање на работниците.
Тој најави дека овие мерки нема да бидат краткорочни, туку на подолг рок за да има одржливост на компаниите, но истовремено и да не се дојде до рецесија.
„Замирањето на економската активност на овие 1360 компании ќе значи дека ние како држава можеме лесно да влеземе во сегментот на рецесија, овој период и наредниот период. Ние мораме да направиме се за да помогнеме да се задржи економската активност затоа што конкурентноста е битна, но задржувањето на работните места исто така е многу битно. Ние секако кубуриме со слободна работна сила и секое работно место кое што ќе се задржи е дополнителен мотив плус“, вели Фатмир Битиќи.
Потпретседателот на Стопанската комора Зоран Јовановски ја поддржува одлуката за помош на домаќинствата, но, вели првенствено треба да се размислува за помош на стопанството, бидејќи тие веќе се соочуваат со намалена потрошувачка, ликвидноста и доцнење во плаќањата.
„Ако вие субвенционирате 80 проценти, трошокот го субвенционирате за домаќинствата, ако треба да биде 100 денари, карикираме, 100 денари сметката за струја граѓаните плаќаат 20, а 80 им плаќа државата. Во ред. Сега, тоа ли е решението ако фирмата се затвори и тој што треба да ги плати тие 20 проценти нема да може да ги плати, зашто нема плата“, вели Зоран Јовановски.
Извршниот директор на Комората на северозападна Македонија Дриљон Исени рече дека голем број од компаниите биле во дилема дали да работат со загуба или да отпуштаат работници.
„Ако ги прашувате кои се трите најголеми проблеми без сомнение сите ќе ви кажуваат – енергетската криза, човечкиот капитал, ликвидните средства. Сега компаниите се соочуваат со трите овие проблеми истовремено. Ликвидните средства што ги имаа како заштеди или во банки веќе ги исцрпиле заради ковид пандемијата и сега тие се пред дилема дали да работат со загуба или да ги отпуштат своите вработени“, порача Дриљон Исени.
Како една од можните мерки е Владата да се насочи кон целосно домашно производство на струја за да биде поевтина за стопанството, предлага потпретседателот на Сојузот на Стопанските комори Горан Георгиевски, но додаде дека недозволиво е домашните капацитети да работат минимално.
„Еден од РЕК практично не работи, не знам точно кој е, понатаму ТЕЦ Неготино има два котели по 80 мегавати еден чинам дека работи, другиот не знам не сум сигурен дали е почнат со работа. Практично сето ова требаше да функционира и да работи длабоко во минатиот период таму некаде на почетокот на првиот квартал на годината. Со тоа ќе овозможеше да имаме пониски цени на електричната енергија односно да има бизнисот пониски цени на електричната енергија“, порача Горан Георгиевски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изминатиот период критикуваше дека мерките за помош на стопанството се недоволни и затоа предложи свои, меѓу кои и вишокот струја што го произведува ЕСМ во евтина тарифа, односно ноќе и за викендите а која нема да надминува цена од 80 евра за мегават час, да се отстапат на стопанството.
