Колку време е потребно за албанскиот јазик во КИЦ? – Муслиу: Јазиците се одредуваат при креирање на веб страницата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со оваа објава од управителите на КИЦ од пред повеќе од една недела, известија дека отвориле нова страница на Фејсбук за оваа институција.

Кога ТВ21 го праша новиот директор Антонио Димитров зошто имало потреба од нова страница и зошто истата  не е и на албански јазик, ни рече дека завршил договорот со стариот хостинг и дека работат на тоа да ја направат двојазична и веб страната која е во изработка.

Меѓутоа според ИТ експертот Локман Муслиу не е потребно доколку се менуваат директорите на една институција да се менува и страната бидејќи истата може да се преиначи.

„Во вакви случаи кога завршува договорот, вообичаено има 30 дена за продолжување или трансфер, тие можеле да ја преиначат страната, ние тоа го правиме постојано со клиентите, се зема постоечката страна и се преиначува на друг хостинг или се преработува содржината и преводите и другите работи никогаш не се губат“, вели Локман Муслиу.

Колку време е потребно за една страна да се изработи двојазично? Муслиу вели дека доколку некој има за цел да отвори страна на повеќе од два јазика истото се прави на сам почеток

„Од почеток доколку страната е осмислена да биде на повеќе јазици, треба на почеток да се уреди, потоа е многу лесно да се направи на два, три или повеќе јазици. На пример доколку не е осмислена воопшто да биде и на албански јазик за една недела или помалку може да се уреди од почеток за да има можност за повеќе јазици, а доколку е осмислена од сам почеток тогаш е многу едноставно, треба само да се додадат зборовите на албански и да се стави и албанскиот јазик“, посочи Локман Муслиу.

Веб страната на КИЦ не е ажурирана од 10 март иако имало културни активности но тие се објавени само на новата Фејсбук страна.

Албанските партии си упатија меѓусебни обвинувања за неупотребата на албанскиот јазик од страна на новиот директор на КИЦ, Антонио Димитров кој е од редовите на Левица.