Жестоки дебати и тешки обвинувања на релација власт – опозиција на третиот ден од комисиската расправа за ребалансот на буџетот. Кој колку милијарди од парите на граѓаните потрошил во ветер, кој гледа преку розови очила, до тоа кој ги иселил младите. Паднаа обвинувања и за најавата на премерот дека ќе се плаќа данок за немажени и неженети. СДСМ смета дека тоа е дополнително ќе ги исели младите.
-Економско чудо сме нели четврти во Европа, најдобри, гледате. Вчера ви кажа колегата Мициновиќ, Швеска сме. Не е Шведска, излезете надвор. Ама за тоа еве ја најновата вест за сите млади, па богами и за тие во години, што не се оженети и омажени. Ќе ви воведат данок. Ајде да ве видиме сега. Случајно сакате да градите кариера, бум данок од десничарите. Зошто? За олигарските и другите да имаат повише во џеб, изјави Фатмир Битиќи од СДСМ.
Власта со обвинувања дека секогаш во времето на владеење на СДСМ на земјава и се случувала демографска катастрофа.
-Секоја прилика ќе ја користиме за да потсетуваме на вашиот недомаќинлук и вашиот арамилак. Седум години го исцицавте овој народ и сега овде треба да ве слушаме небаре сте Деви Марии и Светци. Небаре на мравка немате згазнато, а живи луѓе јадевте. Да се вратам повторно на ребалансот и да постетам на проектот „Купи куќа за млади“ кој вие го згаснавте затоа што веројатно не ви одговараше. Овој проект ние повторно го активираме и обезбедуваме зголемени средства од 111 проценти, изјави Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ.
Денеска завршува општата расправа за предлог-ребалансот, по што ќе продолжи расправата по амандманите. Поднесени се 226 амандмани, од кои 160 на опозициската СДСМ. Меѓу нив се одвојување на 934 милиони денари за финансиска поддршка за семејствата на загинатите и повредените во Кочани; 60 милиони денари за реновирање на болницата во Кочани и 20 милиони за нова опрема, зголемување на студентски стипендии и други. Комисиската расправа трае вкупно десет дена, по што ребалансот оди на пленарна седница.
