УНЕСКО им даде на Северна Македонија и Албанија уште две години за да постапат според препораките кои ги предложи УНЕСКО со цел да се избегне ставање на Охридскиот регион на Црната листа на “Загрозено културно и природно наследство“. Освен тоа, од Македонија и Албанија е побарано до 1 февруари 2023 до Центарот за културно наследство да достават заеднички извештај за состојбата на регионот, вклучувајќи го и извештајот за постигнатиот напредок за спроведување на забелешките.
Пред неколку дена граѓанското еколошко здружение Фронт 21/42 му испрати писмо на Комитетот за светско наследство, поддржано од 18 организации од Македонија и 15 од Албанија, со апел за вклучување на Охридскиот регион на Листата загрозено на светско наследство.
Организациите оценуваат дека Охрид треба да се стави на Листата на загрозено светско наследство и дека можеби тоа ќе доведе до посериозен ангажман за заштита на регионот.
„Односот кон граѓанските претставници, кон набљудувачите, е одраз на односот кон светското наследство. Додека елитата мисли дека може да ни ги затнува устите за непречено да ни ги уништува скапоценостите, само ни ги засилува мотивацијата и решеноста да си го вратиме управувањето во наши раце! Доаѓа цунами од искрени, компетентни, млади луѓе што ќе ги отстранат засекогаш паразитите од позиции со моќ за одлучување! Охридскиот Регион и светските наследства ширум светот не заслужуваат ништо помалку од наша континуирана и бескомпромисна борба! Ние НЕМА да се откажеме!“, велат од Охрид СОС.
34 организации изразија загриженост за состојбата на охридскиот регион, која како што велат, не е последица на војна или природна непогода, туку поради уништените вредности. Прогласувањето на загрозено светско наследство е резултат на лошото менаџирање со наследството од локалните и централните власти на двете земји.
