Управниот одбор на Претпријатието „Комуналец“ во Кичево веќе една година работи со истечен мандат. Ова прашање го покренаа опозициските советници во Советот на општината. Тие ја блокираа работата на Претпријатието, тргајќи точки од дневниот ред, бидејќи како што велат, Управниот одбор нема легитимитет да предлага одлуки и дека одлуките кои се донесени во текот на годината се нелегитимни.
„Управниот одбор одржа седница и донесе одлука за одобрување на програмите што ги спомнав погоре. Сметаме дека овој Совет нема легитимитет, затоа ние како советници немаме право да одобриме нешто што тие го предлагаат, бидејќи немаат легитимитет и се непостоечки раководители“, вели Агим Садику.
Советниците велат дека општината и општинската администрација мора да сносат одговорност во однос на тоа што три месеци пред истекот на рокот не предложиле нов Управен одбор согласно законот.
Од општина Кичево не сакаа да се произнесат по ова прашање, само рекоа дека изборот на Управниот одбор не е во нивна надлежност.
ТВ21 побара став и од Претпријатието „Комуналец“, од каде ни рекоа дека оваа ситуација е последица на доцнењето на стапувањето во сила на законот и доцнењето со објавувањето на Правилникот во „Службен весник“ од страна на Министерството за економија.
„Изменувањето и дополнувањето на законот беше донесено три месеци претходно, но стапи на сила во јули 2022 година, а Правилникот за избор на нови одбори во „Службен весник“ беше објавен на крајот на годината, односно на 27 декември од страна на Министерство за економија. Ова беше пречката поради која не можевме да избереме нов Управен одбор“, порача ЈП „Комуналец“.
Но, советникот Лазе Јакимовски ја демантираат изјавата на „Комуналец“, велејќи дека во моментот кога се направени измените на законот и кога е објавен Правилникот во „Службен весник“ во 2022 година, мандатот на Управниот одбор на претпријатието бил истечен уште во 2021 година.
