По речиси две децении нерешен проблем, Општина Центар најави дека ќе започне активности за решавање на хаосот во делот позади Собранието, кај Државниот завос за Статистика, Управниот суд и Пазарната инспекција. Овој простор, кој со години е узурпиран и претворен во див паркинг, стана симбол на недисциплина и запуштеност во срцето на градот.
Во текот на денот, овој дел е преполн со автомобили паркирани без ред, создавајќи нервоза, гужви и невозможност за нормално движење. Навечер, ситуацијата станува уште покритична – нема осветлување, просторот е преплавен со кучиња скитници, а ѓубрето останува неисчистено, правејќи го овој дел пред институциите и граѓаните небезбеден и неуреден.
Логичното прашање кое се наметнува е: како овие институции би ги решавале проблемите на граѓаните, кога не можат да го решат сопствениот двор, па дури и узурпирале јавен простор за свои лични потреби?
Според информациите на ТВ21, денеска во Општина Центар се одржал состанок на оваа тема. Од вторник, најавуваат, ќе започнат активности за воспоставување ред и конечно, по 20 години, решавање на хаосот во центарот на градот.