За разлика од претходните денови, денеска радијаторите во домовите во Скопје се топли. Владата презеде одговорност преку ЕСМ да управува со БЕГ и да обезбеди греење за скопјани до крајот на сезоната.
Министерот за економија Крешник Бектеши вчера објасни дека со новата Уредба за парно греење, освен што е предвидено прогласување на кризна состојба на пазарот за топлинската енергија, предвидени се и дополнителни услови за компанијата ТЕ-ТО и ЕСМ.
Во уредбата исто така е предвидено и субвенционирање на сметките на граѓаните за парно, а ТЕ-ТО ќе работи дополнителни три часа со цел да ја произведе потребната електрична енергија, која пак ќе ја купува ЕСМ.
Во меѓувреме не стивнуваат реакциите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Од таму велат дека граѓаните плаќаат високи сметки за парно поради неспособноста на Владата.
Претставниците на ВМРО-ДПМНЕ денеска пред Владата на новиот мандатар му подарија позлатен прибор, истакнувајќи дека во време кога граѓаните се без парно, Владата купува скап луксузен прибор.
Претседателот на СДСМ и мандатар за формирање на новата Влада Димитар Ковачевски, денеска во својот говор пред пратениците рече дека новата Влада има јасен и остварлив план за соочување со економската и енергетската криза и надминување на негативните последици.
Од Топлана „Скопје Север“ велат дека има прекин во снабдување на природен гас поради долгот што го имаат. Додаваа дека работат на изнаоѓање решение за проблемот со цел до крајот на денот потрошувачите да добијат парно греење. Изразуваат оптимизам дека со новите владини мерки ваквите проблеми веќе нема да се повторуваат во иднина.
