Контроли во 43 компании за медицински канабис – Алиу именува нови комисии

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Од денеска започнаа контролите на 43 компании кои произведуваат канабис за медицински цели, соопшти министерот за здравство Азир Алиу. Тој додаде дека на владина седница е донесена одлука за именување нови членови на комисијата и дека во моментов постојат две комисии: едната составена од Министерството за здравство, а другата меѓусекторска, со пошироки надлежности и околу 13 члена, која ќе ги анализира политиките поврзани со процесот.

-Знаете дека треба да се контролираат 43 лиценци и институции кои произведуваат канабис за медицински цели. Завчера, на владина седница беше донесена одлука за именување членови. Меѓусекторската комисија е под раководство на Министерството за здравство, односно членовите од нашето министерство ќе раководат со тој процес. Истата е формирана во 2017 година, а во 2020 се променети членовите на таа комисија, но во Министерството за здравство не најдовме ниту еден извештај од работата на таа комисија, изјави министерот за здравство, Азир Алиу.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека и други компании се под надзор и контрола, бидејќи Владата ќе ги провери сите компании што имаат лиценца за медицински канабис.

„Не беше случајно кога реков дека ќе бидат откриени десетици тони и можно е да стигнеме до 100 тони канабис, но сега не е време тоа да се сподели со јавноста.

– Како дошло до злоупотреба на лиценците?

Тоа е направено спротивно на законот. Сите фармацевти во оваа област знаат дека кога цветовите од канабисот се одгледуваат на отворено, тие не можат да ги исполнат потребните стандарди за производство на масло од канабис. Очигледно, некој, држејќи се до таа регулатива, свесно извршил кривично дело, што претставува почеток на организиран криминал“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Дополнително, министерот Алиу информираше дека во вторникот на владина седница побарал законски измени со кои во вакви случаи министерот би имал овластување да формира повеќе од една комисија. Според него, комисија од пет члена треба да ги спроведува административните процедури и контролите на терен.