Конвенција на Стево Пендаровски – „проверка на имотот на сите политичари и судии“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во преполната сала „Борис Трајковски“ синоќа се одржа конвенција на претседателскиот кандидат на СДСМ и актуелен претседател Стево Пендаровски. Претставен како кандидатот на граѓаните и државник на европска Македонија Пендаровски во своето обраќање ја критикуваше опозицијата а голем дел посвети на евроинтегративниот процес. Сепак, зборуваше и за грешките на власта кои како што рече не беа во стратешките одлуки туку во некои политики и  кадровски решенија.  Побара да се провери имотот на сите политичари и судии.

„Нашето најголемо потфрлање беше што застанавме на половина пат во реализација на клучниот слоган на единствената автентична граѓанска револуција во нашата историја „Нема правда нема мир“. Во оваа смисла не можеме да го вратиме времето, но нужно е да се обврземе на целосен ветинг на сите судии и обвинители а пред се на нас политичарите. Сите кои намерно држат предмети во фиоки со години или не можат да докажат како од плата заработиле милиони треба да бидат разрешени од функциите и да лежат во затвор, а не да делат правда или да конкурираат за политички функции“, додава Стево Пендаровски.

Барајќи ја довербата за уште еден мандат Пендаровски истакна дека тоа го прави со чисто лице бидејќи зад себе нема ниту една афера.

„Ако ја добијам вашата доверба и во следните пет години ќе продолжам да работам за плата а не за проценти, ќе продолжам да ги третирам сите луѓе на еднаков начин независно на кој народ му припаѓаат или за која партија гласаат, ќе продолжам да соработувам и да ги почитувам младите луѓе чиј професионален успех не се должи на партиски или фамилијарни врски, ќе продолжам да им помагам на понижените да добијат човечки третман и правда во заедницата каде што живеат и ќе продолжам да го критикувам криминалот и високата корупција на било кој во државата“, вели Стево Пендаровски.

На конвенцијата се обрати и претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски кој ги повика граѓаните да го поддржат Пендаровски. Рече дека најголемата поддршка ја добил токму од него за одлуките што требаше да се преземат за европските интеграции.

„Тој верува во прогресивна Македонија, тој не се откажува од европската иднина. Ние не се откажуваме од европската иднина. Со Стево, со вас, со мене, во 2028 година Македонија ќе ги заврши преговорите со Европската унија и сите вие овде ќе бидете горди што сте биле дел од патот на Македонија кон поправедна, побогата, подемократска европска држава“, вели Димитар Ковачевски.

На конвенцијата Пендаровски дојде со сопругата која исто така имаше обраќање, како и со својот син, а поддршка му дадоа и коалициските партнери на Социјалдемократскиот сојуз. (инсерти25.10  и25.30)Инаку, официјално, кампањата за претседателските избори започнува утре, а Пендаровски ќе ја започне со централен митинг во Прилеп.