Координиран процесот за враќање на македонските државјани од Израел – Муцунски: Безбедноста на македонските државјани е приоритет

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Безбедноста на македонските државјани е приоритет, соопшти министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, информирајќи за текот на евакуацијата од Израел.

Според неговата објава, Министерството целосно го координирало процесот на враќање на македонските државјани од Израел. Група граѓани попладнево со владиниот авион полетале од Шарм ел-Шеик кон Скопје.

Муцунски нагласи дека станува збор за сложен процес кој барал сериозен ангажман на дипломатско-конзуларните претставништва, строго почитување на безбедносните протоколи и континуирана меѓуинституционална координација.

Дополнително, финализирана е постапката за склучување договор со компанија која во наредните денови треба да започне со реализација на летови за евакуација од останатите погодени подрачја, во соработка со надлежните дипломатско-конзуларни претставништва.

Од Министерството порачуваат дека мрежата на дипломатско-конзуларни претставништва останува на 24-часовно располагање за македонските државјани за секоја потребна помош и поддршка.