Штип деновиве е во знакот на музиката, уметноста и фестивалската енергија, откако започна 16. издание на Д Фестивал – најголемиот опен-ер музички фестивал во Македонија.
Тридневната програма, која се одржува од 26 до 28 јуни, ги собра илјадници посетители од Македонија и регионот, како и стотици артисти кои ќе настапат на пет фестивалски сцени со повеќе од 80 концерти.
Фестивалските порти официјално беа отворени во петок напладне, а годинава повторно се враќа и фестивалскиот камп, како и богатата дополнителна програма во ПлоштАрт зоната, каде посетителите можат да бидат дел од различни културни, спортски и едукативни активности.
„Во време кога културата се соочува со сериозни предизвици, важно е да направиме сѐ што можеме за да ја доближиме до луѓето. Д Фестивал е отворен за сите и веруваме дека токму културата и уметноста треба да бидат просторот што нѐ обединува“, изјави Огнен Стојаноски од организацискиот тим на „Пасворд Продакшн“.
Првата фестивалска вечер е посветена на хип-хоп звукот, со настап на американската легенда DJ Premier, како и регионалните имиња Smoke Mardeljano и Fat Phillie. Македонската сцена ќе ја претстават Страјк, Гоце САФ и Дупер.
Во следните фестивалски денови публиката ќе има можност да ги следи и светските имиња како електронскиот феномен Boris Brejcha, британскиот бенд IDLES, како и други гости од светската и регионалната музичка сцена.
Дел од програмата се и легендарните регионални изведувачи Бајага и Инструктори, Јура Стублиќ и Група Филм, како и бројни македонски артисти.
Покрај концертите, Д Фестивал нуди и богата придружна програма во ПлоштАрт зоната, каде во соработка со повеќе од 20 организации посетителите ќе можат да учествуваат во спортски активности, работилници, презентации и креативни содржини.
Организаторите информираат дека целата фестивалска програма е со слободен влез, а заинтересираните посетители можат да го користат и фестивалскиот камп.
Со спој на музика, култура и забава, Д Фестивал уште еднаш го позиционира Штип како една од главните фестивалски точки во регионот.
