Корекција или нов Кривичен закон? – Дел од пратениците признаваат дека измените биле штетни

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ја префрли ли топката Уставниот суд на Собранието за решавање на прашањето со Кривичниот закон. На вчерашната седница уставните судии му оставија 6 месеци на законодавиот дом да ги корегира спорните законски одредби донесени во септември 2023 година со кои се намалија казните на функционерите. Доколку Собранието ги носи измените тогаш тие ќе немаат ретроактивно дејство, односно законот ќе важи од моментот кога ќе се носи, за разлика од одлуката на Уставниот суд која со укинувањето на спорните одредби ќе го врати законот.

„Немаме класична одлука за поведување на постапка која во втората фаза би резултирала или со укинување за законот или со поништување од причина да не настане правен вакуум, во казнената политика. За да не настанат штетни последици во судскиот систем при примената на Кривичниот законик и овие измени се одлучивме да му дадеме една шанса на Собранието од 6 месеци да се усогласи со нашите стојалишта“, вели Дарко Костадиновски.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека сега е важно  тоа што ќе се носи нов Кривичен законик.

„Доколку Собранието донесе измени на Кривичниот законик тие ќе важат од моментот на донесување. Меѓутоа она што е важно да се напомене е дека Владата работи на комплетно нов Кривичен законик, кој што ќе биде по модерен европски терк во кој што ќе бидат инкорпорирани сите забелешки и од домашните и од меѓународните експерти и кој што ќе придонесе да немаме веќе вакви дупки или празнини кои што се искористуваат со цел да се избегне одговорност“, порача Бране Петрушевски.

И актуелниот претседател на сега опозициската СДСМ Венко Филипче го поддржува донесувањето на нов Кривичен закон, иако признава дека измените биле штетно решение.

„Сметаме дека треба да се донесе нов Кривичен закон кој што веќе се изработува, кој што се работеше со меѓународни експерти и кој што е компатибилен со европското право. Апсолутно сметам дека измената на законот која што се донесе не е соодветна“, вели Венко Филипче.

Ниту од ВРЕДИ ниту од Европскиот фронт не сакаа да го изнесат својот став за тоа Собранието да ги корегира измените на Кривичниот закон. Тие беа донесени во септември 2023 година во времето кога на власт беше коалицијата на СДСМ и ДУИ и тоа со злоупотреба на европското знаменце. По една и пол година овие измени направија големи штети со тоа што поранешни функционери се спасија од одговорност. Казните се намалија а голем дел од предметите застареа како што е Таргет Тврдина со Сашо Мијалков, Миле Јанакиевски се ослободи од „Топлик“ и „ТНТ“, а од 9-годишна затворска казна за „ТНТ“ се спаси и Никола Груевски.