Коридорите и на пратенички прашања, Стојаноски обвинува за плата на консултанти од 36.500 евра

НАЈНОВИ ВЕСТИ

И овие пратенички прашања главно посветени на договорот со Бехтел и Енка за изградбата на Коридорите 8 и 10Д. Опозицијата и натаму обвинува дека со овој договор се прави криминал а како конкретен пример Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека за консултанти задолжени за надзор на изградбата е предвидена плата од 36.500 евра за што на собраниската говорница излезе со документи.

„Ова тука е дел од договорот каде што Димитар Ковачевски, Артан Груби и оние кои што се во тој управувачки комитет презеле обврска да исплаќаат плата на месечно ниво од 36.500 евра на луѓе кои што се задолжени за надзор. Внимавајте, кој е парадоксот, уште еднаш ќе повторам, 36.500 евра, претседателот на Соединетите Американски Држави зема плата од 33.000 долари месечно, директорот на НАСА зема плата од 16.790 долари месечно, па што ќе работат овие ваши инженери.“, изјави Стојаноски.

Премиерот Ковачевски и не одговори конкретно на ова прашање, туку зборуваше за значењето на коридорите, ја обвини опозицијата за ширење хистерии. За лагите на ВМРО-ДПМНЕ најдобар одговор дојде од американската амбасада рече Ковачевски, а кон Стојановски се обрати со контрапрашање.

„Со законските решенија кои што веќе ја поминаа комисиската расправа се врши усогласување на законските решенија за да може тоа да се направи поевтино, побрзо и поефикасно со цел граѓаните да се возат по автопатишта а не само да плаќаат изградби на автопатишта. Единствено да се критикува без никакви аргументи и основи не носи никому добро. И на крајот јас ќе ве прашам нешто вас. Дали сакате автопат да гради американски конзорциум или сакате да гради автопат како во ваше време кинески и руски конзорциум.“, рече Ковачевски.

Стојановски праша и за тоа колку ќе биде поскапувањето на струјата од први јули кога се најавува дека ќе се враќа дневната евтина тарифа на струјата, но со зголемен ДДВ од 8 проценти. На ова Ковачевски му одговори дека нема зголемување на цената, туку успешно справување со енергетската криза.