Коридорот 8 ќе го гради „Bechtel-ENKA“ – Рустеми: Овој автопат ќе биде готов до 2025 година

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Коридорот 8 ќе го гради компанијата Bechtel-Enka. Ова го откри првиот вицепремиер, Артан Груби во „Клик Плус“ на ТВ21. В петок Груби ќе се сретне со директорот на компанијата, министерот за финансии и министерот за транспорт и врски. Груби додава дека ќе предложат закон во Собрание за поддршка на овој капитален проект.

„Со компанијата „Bechtel“ в петок имаме состанок. Ќе ги забрзаме процедурите за потпишување на меморандум за соработка и ќе предложиме закон во Собрание. Еве ја предизвикувам јавно и македонската, и албанската опозиција да му дадеме поддршка на овој проект на стратешко партнерство со американската компанија Bechtel за изградба на Коридорот 8“, истакна Артан Груби.

Според ветувањата на компанијата Bechtel-Enka, коридорот 8 ќе биде готов до 2024 година. Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта пак, Ејуп Рустеми, дава уште една година простор за изградба на овој коридор.

„Верувам и убедени сме дека до крајот на 2025 година, целосно ќе го имаме автопатот Тетово, Гостивар и целиот Коридор 8“, посочи Ејуп Рустеми.

Коридор 8 е делница која треба да ги поврзе Северна Македонија, Бугарија и Албанија. На тој начин, Бугарија и Македонија ќе имаат поголем пристап кон Запад, а Албанија, како и другите земји се надеваат на економски раст.