КОРОНАВИРУС: Покрај Македонија, рекорден број на заразени во Бугарија, Полска и Словенија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Влегува ли есенски бран на коронавирусот во земјите од Европа? Македонија денеска регистрираше рекордни 317 заразени со Ковид-19, но не е единствена земја со рекорден број на заразени во Европа.

Рекорд на новозаразени бележат и нашиот источен сосед Бугарија, како и Полска и Словенија.

Рекорден број нови случаи на коронавирус – 436 се регистрирани во Бугарија во последните 24 часа, а уште осум починаа, според официјалните податоци.
Од почетокот на пандемијата, заразени се 22.306 лица, а починале 862 лица.

Во изминатите 24 часа, во Словенија е забележан нов дневен рекорд за бројот на новоинфицирани со коронавирус, кој изнесува 356, според податоците на веб-страницата covid-19.sledilnik.org.
Вкупниот број на заразени сега го надмина бројот од 7.000 и изнесува 7.120, а во болниците има рекорден број пациенти – 122, објави СТА.
Денеска беа тестирани рекордни 3.998 лица.

Полска денеска објави дека се регистрирани рекордни 3.003 нови случаи на коронавирус и дека ова е најлошиот ден од избувнувањето на пандемијата, со починати 75 лица.
Епидемиолошката состојба драстично се влошува во Полска, а Владата размислува за нови ограничувачки мерки за да се избегне целосно затворање на земјата.
Досега, 2.792 лица починаа во Полска, а потврдени се 107.319 случаи на коронавирус.