Корупцијата која ја чувствуваме секој ден граѓаните не ја пријавуваат бидејќи немаат доверба во институциите, а тие кои ја пријавуваат сакаат да останат анонимни.
Ова го рече директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев на почетокот од кампањата „0% корупција – Ајде да е вистина!“.

„Корупцијата која за жал во последнава деценија почна да зема акутен замав и непопуларно да речам почна да станува култура и начин на живот кој никој од нас како нормален граѓанин или како носители на одредени функции не сакаме тоа да продолжи и да биде така“, вели Александар Јанев.
Експертотот за антикорупција и перење пари, Мојца Кузмички посочи дека главниот фокус на оваа кампања е подигнување на свеста и градењето доверба, за луѓето да можат да ја препознаат корупцијата, да го разберат нејзиното штетно влијание и да се чувствуваат безбедно и охрабрено да преземат акција.

„Многу случаи на корупција остануваат незабележани бидејќи сторителите честопати имаат лична корист и затоа не се гледаат себе си како жртви. Често пати има недостаток на знаење за тоа како да се препознае корупцијата и соодветно да се реагира. И можеби најважно, многу поединци одлучуваат да не пријават сомнеж за корупција поради страв од последици. Ајде да ја направиме промената“, вели Мојца Кузмички.
Директорот на БЈБ додаде дека новинарите и медиумите се клучни во процесот на спречување корупција.

„Како институција користиме многу од сториите кои се објавуваат од медиумите односно истражувачкото новинарство. Ајде сите заедно да пратиме една силна порака дека немаме можност да го губиме времето и време да бидеме гласни и сите заедно рамо до рамо да застанеме на овој горчлив проблем кој е генератор на сите останати дејствија, а има не дај боже и други импликации“, вели Александар Јанев.
Кампањата, која е дел од проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, финансиран од Европската Унија, а спроведен во соработка со Министерството за внатрешни работи, ќе се промовира преку социјалните медиуми, медиумски платформи и со поддршка од влијателни јавни личности, со цел да се поттикне поголема афирмација на иницијативата.
