Новата еврокомесарка за проширување, Марта Кос, изрази очекување дека Северна Македонија ќе ги спроведе потребните уставни измени и ќе ја вметне бугарската заедница во Преамбулата на Уставот. Ова го изјави денеска од Стразбур по изборот на новиот состав на Европската комисија, јавува репортерката на ТВ21 од Стразбург.
„Ова е нешто што очекуваме. Верувам дека е можно и ќе го забрза процесот“, изјави Кос.
Прашана дали по уставните измени може да се избегнат други блокади, таа нагласи дека не е во нејзина надлежност да дава гаранции.
Според неа, решавањето на спорот со Бугарија бара повеќе дијалог: „Мора да разговараме со Бугарија и Северна Македонија, бидејќи без тоа ќе биде тешко да напредуваме, а следејќи ги европските вредности, ќе биде тешко да го направиме најдобро за ЕУ и Македонија“, истакна Кос.
Таа оцени дека процесот на проширување на ЕУ е поинаков денес во споредба со пред пет години и дека постојат реални шанси за некои земји да влезат во ЕУ во следните години. Сепак, нагласи дека тоа ќе зависело од исполнувањето на условите.
Во однос на рокот 2030 година за влез на земјите од Западен Балкан, Кос смета дека нејзиното назначување ќе биде позитивно за регионот. „Ќе соработувам тесно со земјите што се подготвени за влез во ЕУ“, додаде таа.
Притоа, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата во Скопје пред да ги спроведе уставните измени бара гаранции дека нема да има други вета од Бугарија и дека измени ќе стапат на сила само кога земјата ќе стане членка на ЕУ. Според него, ВМРО-ДПМНЕ ги поставила црвените линии и нема да отстапи од нив.
Првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со ЕУ се одржа на 19 јули 2022 година. За да започне отворањето на поглавјата, потребно е македонскиот парламент да ги усвои уставните измени со кои Бугарите ќе бидат вклучени во Преамбулата.