Кошта денеска во Скопје, ќе се сретне со премиерот Мицкоски

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на Европски совет, Антонио Кошта, денеска попладне ќе престојува во посета на земјава, каде што ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски.

Од владината прес-служба информираат дека Мицкоски ќе одржи тет-а-тет средба со Кошта, по што ќе следува состанок меѓу владината делегација и делегацијата предводена од претседателот на Европскиот совет. Потоа, Мицкоски и Кошта ќе одржат заедничка прес-конференција во Владата.

Претседателот на Европскиот совет од вчера е во посета на Западен Балкан, каде што се среќава со лидерите од регионот, а на 5 јуни во Тиват ќе биде ко-претседавач на Самитот ЕУ – Западен Балкан.

Кошта ќе разговара за можностите и предизвиците на проширувањето на Европската Унија, постепената интеграција, регионалната соработка, како и за безбедноста и стабилноста во регионот.

„Мојата втора турнеја низ Западен Балкан испраќа јасен сигнал: посветеноста на ЕУ кон регионот е реална, исто како што е реална и можноста за проширување. Моментот е сега. Време е да се испорачаат резултати“, изјави Кошта пред почетокот на посетата.

Во Скопје тој доаѓа од Тирана, каде што ќе се сретне со албанските лидери, а регионалната турнеја ја започна вчера во Сарајево.

Утре Кошта ќе отпатува во Приштина, а во четврток ќе го посети Белград. Турнејата ќе ја заврши со посета на Црна Гора.

На 5 јуни Кошта ќе биде ко-претседавач на Самитот ЕУ – Западен Балкан 2026, чија главна тема ќе биде: „Заеднички просперитет и стабилност на Европската Унија и Западен Балкан“.