Западен Балкан оваа недела е во фокусот на европската дипломатија, откако претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, започнува повеќедневна турнеја низ регионот, со цел зајакнување на политичкиот дијалог и потврдување на европската перспектива на земјите од регионот.
Како што соопшти Европскиот совет, посетата ќе трае од 1 до 5 јуни и ќе опфати средби со државните и владини лидери, како и учество на Самитот ЕУ–Западен Балкан, кој ќе се одржи на 5 јуни во Тиват, Црна Гора. Главните теми ќе бидат проширувањето на Европската унија, постепената интеграција, регионалната соработка и прашањата поврзани со безбедноста и стабилноста.
Кошта порача дека неговата нова регионална турнеја претставува јасен сигнал за континуираната поддршка на ЕУ кон Западен Балкан. „Мојата втора турнеја низ Западен Балкан испраќа јасен сигнал: посветеноста на Европската унија кон регионот е реална, исто како и можноста за проширување. Моментумот постои. Сега е време за резултати“, изјави тој.
Патувањето започнува на 1 јуни во Сараево, каде Кошта ќе се сретне со членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина – Денис Беќировиќ, Жељка Цвијановиќ и Жељко Комшиќ, како и со претседателката на Советот на министри, Борјана Кришто.
Следниот ден, на 2 јуни, тој ќе престојува во Тирана, со средби со албанскиот премиер Еди Рама, претседателот Бајрам Бегај и студенти од Колеџот на Европа. Истиот ден ќе пристигне во Скопје, каде ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски, по што е најавена заедничка прес-конференција во 18:30 часот.
На 3 јуни, Кошта ќе биде во Приштина, каде ќе разговара со вршителката на должност претседател Албулена Хаџиу, премиерот во заминување Албин Курти и претставници на опозициските партии.
Турнејата продолжува на 4 јуни во Белград, со средби со претседателот Александар Вучиќ, претседателката на парламентот Ана Брнабиќ и претставници на граѓанското општество.
Посетата ќе заврши во Црна Гора, каде претседателот Јаков Милатовиќ ќе организира свечена вечера во Тиват по повод 20-годишнината од обновувањето на независноста. На 5 јуни, Кошта ќе ко-претседава со Самитот ЕУ–Западен Балкан, кој ќе биде посветен на „заедничкиот просперитет и стабилност на Европската унија и регионот“.
Од Европскиот совет информираат дека во сите градови ќе бидат организирани прес-настани, а фото и видео материјалите ќе бидат достапни преку медиумскиот центар на институцијата.
