Специјалното обвинителство на Косово соопшти дека се спроведуваат истраги за трета локација на можна масовна гробница, додека на две локации во Зубин Поток властите потврдија пронаоѓање на човечки посмртни останки, за кои се сомнева дека им припаѓаат на жртви од последната војна во Косово.
Според соопштението, во текот на истрагата биле проверени повеќе локации. Во селото Јабука, во општина Зубин Поток, биле пронајдени посмртни останки, кои ќе бидат подложени на судско-медицински вештачења и ДНК-анализи за идентификација, додека ископувањата во селото Мала Калудра продолжуваат.
„Во моментов, истрагите продолжуваат и на трета локација“, соопшти Специјалното обвинителство на Косово, додавајќи дека истрагите за воените злосторства во Зубин Поток се одвиваат интензивно.
Ископувањата на локацијата во Мала Калудра започнаа кон крајот на јули, а неколку дена подоцна започнаа и ископувања во Јабука, исто така во општина Зубин Поток, на северот на Косово.
Соопштението на Обвинителството доаѓа во време кога главниот косовски преговарач во техничкиот дијалог, Агрон Бајрами, побара од Европската Унија да обезбеди Србија целосно да ги исполни обврските од Декларацијата за исчезнатите лица.
Преку објава на платформата X, Бајрами наведе дека од ЕУ побарал да изврши притисок врз Србија да овозможи неограничен пристап до архивите и заштита за лицата кои даваат информации.
„Како главен преговарач на Косово, официјално му ги пренесов на специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Косово и Србија, Петер Соренсен, нашите загрижености во врска со најновите случувања околу исчезнатите лица од војната 1998–1999 година“, напиша Бајрами.
Тој истакна дека семејствата на исчезнатите лица „предолго ја чекаат вистината“.
Пред неколку дена Специјалното обвинителство потврди дека во селото Мала Калудра се пронајдени човечки посмртни останки. На 3 август, вршителот на должноста министер за внатрешни работи, Џељаљ Свечља, соопшти дека во Јабука биле откриени останките на најмалку четири лица.
Во рамки на дијалогот за нормализација на односите, Косово и Србија на 2 мај 2023 година постигнаа согласност за Декларацијата за исчезнатите лица.
Со декларацијата двете страни се обврзаа да работат на расветлување на судбината на повеќе од 1.500 лица исчезнати за време на војната во 1998–1999 година. Во текстот не се споменува конкретно отворање на воените или полициските архиви, но се наведува обврска за пристап до „доверливи документи“.
На почетокот на оваа година Косово и Србија го одржаа првиот состанок на Заедничката комисија за исчезнатите лица, но тој заврши без конкретен резултат.
Вршителот на должноста премиер на Косово, Албин Курти, по почетокот на ископувањата во Зубин Поток повторно ја повика Србија да ги отвори државните и воените архиви и да ја спроведе Бриселската декларација.
„Затоа повторно ги повикуваме меѓународните фактори да го зголемат притисокот врз Србија, меѓу другото, да се измени одлуката за 30-годишна класификација на документите до 2044 година и да се отвори архивата на 37-та моторизирана бригада на Југословенската армија, за да се добијат информации што ќе помогнат во расветлувањето на судбината на присилно исчезнатите лица“, изјави Курти на 29 јули.
Според претседателката на Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија, Соња Бисерко, воените архиви на Србија содржат борбени извештаи, податоци за дејствувањето на единиците и евиденции за транспортите што би можеле да помогнат во идентификацијата на масовните гробници.
Архивите на државните безбедносни служби, како што изјави Бисерко за Радио Слободна Европа, содржат разузнавачки извештаи за операциите во Косово, како и информации за приведувања и координацијата меѓу српското Министерство за внатрешни работи и војската.
Како значајни се оценуваат и архивите на други српски институции, особено на оние што биле задолжени за транспортот и закопувањето на телата, како што се комуналните претпријатија и сродните организации, изјави Беким Блакај од Фондот за хуманитарно право во Косово.
Во врска со сомневањата за масовни гробници, косовските власти уапсија три лица. Во Србија, пак, на 30 јули беше уапсено едно лице под сомнение за шпионажа.
Во Косово, сепак, повеќе извори за Радио Слободна Европа изјавија дека апсењето е поврзано со сомневањата дека лицето со иницијали Р.Т., уапсено во Србија, дало информации што довеле до локацијата каде што се вршат ископувањата за посмртни останки во Зубин Поток.
Вршителот на должноста министер за труд, семејство, социјална заштита и вредностите на Ослободителната војна на Косово, Андин Хоти, оцени дека апсењето на лицето, за кое тврди дека помогнало во откривањето на сомнителна масовна гробница, претставува „обид за убиство на вистината“.
Според извештај објавен на 29 јули од Институтот за злосторства извршени за време на војната, врз основа на прелиминарни податоци се документирани 12.230 жртви на војната во Косово во периодот од 1 јануари 1998 до 20 јуни 1999 година.
Повеќе од 1.500 лица, најголем дел Албанци, сè уште се водат како исчезнати, додека посмртните останки на дел од исчезнатите се пронајдени во неколку масовни гробници во Србија./ RFERL
