Одлуките на Судот се засноваат исклучиво на почитување на законските процедури, а не на политички или етнички интереси, изјави претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, осврнувајќи се на реакциите за случајот со именувањето на улиците во Тетово.
Тој рече дека институцијата не може да легитимира одлуки донесени надвор од предвидените процедури, бидејќи таквиот пристап би создал опасен преседан за сите општини во државата.
Тој ги отфрли и обвинувањата дека постапува врз етничка основа, потсетувајќи дека во претходни случаи Судот донел одлуки во корист на општини каде што законските процедури биле почитувани.
„Многу често ме квалификуваат како антиалбанец. Во тоа соопштение спомнав два примери – за улиците во Град Скопје и во Чаир. Зошто тогаш Уставниот суд одлучи да не отвори постапка? Зошто? Затоа што беше почитувана законската процедура. Тогаш што бев јас – проалбанец? Во еден од тие предмети бев судија известител. Тогаш сум бил проалбанец, а сега за Тетово сум антиалбанец. Тоа е апсурдно и бесмислено.“, порача Дарко Костадиновски.
Костадиновски изјави дека критиките и нападите кои доаѓаат од политиката и одредени државни институции кон Судот ги гледа како показател дека институцијата правилно ја извршува својата уставна мисија.
„Нападите од политиката и од некои државни институции кон Уставниот суд ги сметам за комплимент за работата на Судот. Штом тие се нервозни, тоа значи дека добро си ја вршиме работата.“, вели Дарко Костадиновски.
Говорејќи за укинувањето на „балансерот“, Костадиновски оцени дека одлуката не ги нарушува уставните права на граѓаните, туку отвора пат вработувањето во администрацијата да се заснова на професионалност и почитување на уставните принципи.
