Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, оцени дека Собранието сè уште не ја пополнило правната празнина во Изборниот законик, иако Уставниот суд веќе реагирал на спорните законски измени што се однесуваат на независните кандидати.
Во емисијата Клик Плус, Костадиновски изјави дека станува збор за сериозен проблем кој е дел и од реформската агенда поврзана со Европската Унија.
– Имаме сериозен проблем околу Изборниот законик, кој е дел од ЕУ-агендата и тоа што треба да го испорачаме до јуни, но никако да го испорачаме – рече Костадиновски.
Тој објасни дека суштината на одлуката на Уставниот суд била да се заштити политичкиот плурализам, откако во тек на изборен процес бил направен обид да се воведе цензус за независните кандидати.
– Суштината на нашата одлука беше дека тој закон ја повредува и формалната уставност. На еден „шверцерски“ начин беше протнато законско решение што е во интерес на големите партии, за малите и независните да не можат да земат дел од изборниот колач. Тоа е тешка повреда на политичкиот плурализам, а тој е темелна вредност на нашиот уставен поредок – изјави претседателот на Уставниот суд.
Костадиновски нагласи дека политичкиот плурализам не завршува со изборниот ден, туку продолжува и во работата на парламентот.
– Граѓаните очекуваат тие за кои гласале да ги застапуваат нивните интереси во парламентот. За тоа да се случи, треба да има нормална процедура, можност за амандмани, дискусија и влијание врз квалитетот на законите. Сето тоа беше ускратено – рече тој.
Според него, законодавецот останал „уставно недисциплиниран“, бидејќи не ги усогласил законските решенија по одлуката на Судот.
– Кога ја носевме одлуката, тогаш не му дадовме рок на Собранието, но оставивме жива една норма за да не ги спречиме независните кандидати да учествуваат на локалните избори. Не ги укинавме ниту упатствата на ДИК, каде беше овозможено со два потписи некој да се кандидира, токму за да го обезбедиме политичкиот плурализам – истакна Костадиновски.
Тој порача дека останува обврската законодавецот да носи решенија во интерес на граѓаните, а не на партиските интереси.
