Превирањата во Алијанса за Албанците кои прераснаа во инциденти со тепање на директорот за управување со одземен имот Дритон Небиу, но и заканата кон претседателот на партијата Арбен Таравари со оставениот куршум пред неговиот дом според поранешниот премиер Ковачевски се сериозна работа и е загрижувачка. Тој и денеска рече дека се она што се случува во Алијанса е внатрепартиска работа, но ваквите инциденти треба да ги расчисти Министерството за внатрешни работи.
„Секако дека ме загрижува, колку што знам и се информирав дека Министерството за внатрешни работи веќе има интервенирано, во дело на тепачката која што се има случено вчера во Тетово каде што е нападнат директор на владина институција од страна на лице кое што е идентификувано со име и презиме и сметам дека Министерството за внатрешни работи тоа треба да го заврши и доколку и оваа информација која што сега ја споделивте е точна, тогаш исто така треба на ист начин ригорозно да се интервенира во случај такво нешто да се случува“, порача Димитар Ковачевски.
Двајца од министрите од редовите на Алијанса го поддржуваат актуелниот претседател Таравари, додека еден е на страната на поранешниот челник на партијата Села. Колку ваквите состојби во партијата ќе влијае на функционирањето на техничката Влада? Според Ковачевски тоа не смее да се одрази и мора да има разграничување на политичкиот од професионалниот дел.
„Во техничката влада министрите имаат мандат прво да спроведат фер и демократски избори и второ да ја продолжат програмата на Владата во која што се избрани, тоа е програмата на Владата од 2022 година. Сметам дека не би требало да има мешање на политичкиот дел практично со професионалниот дел кои министрите го извршуваат сепак сметам дека се работи за професионалци кои што ќе можат да се носат со своите политички ангажмани, меѓутоа и со своите професионални ангажмани“, вели Димитар Ковачевски.
Состојбите во Алијанса ескалираа откако претседателот на партијата Арбен Таравари најави дека на изборите ќе оди со албанската опозиција за што не се согласува поранешниот претседател Зијадин Села кој побара да се свика собранието на партијата за да се бара одговорност од Таравари.
