Ковачевски: Далеку сме од борбата со корупцијата, низок степен на усвоени препораки од ДКСК, а високо ниво на политичко влијание

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Не смее да има никаква толеранција за корупцијата и треба да се отстранат сите форми, изјави премиерот Димитар Ковачевски на дебатата организирана од Антикорупциска комисија. Тој во своето излагање беше особено критичен кон состојбите во кои се наоѓаме во борбата против корупцијата, за која смета дека сме многу далеку.

„Дали сме блиску? Не, многу сме далеку. Затоа што кога сте биле и работеле во услови каде што тие врвни легислативи се почитуваат и кога ќе се вратите во условите кои што сега ги имаме пред нас имаме многу работа. Ние сме држава во која што постои сомнеж дека фирма која што не постои добила 90 тендери. Замислете да постоела колку ќе добиела. Тоа мора да се искорени“, рече Ковачевски.

Вицепремиерката за политики на добро владеење Славица Грковска рече дека не постои идеален систем и закон кој може да ги спречи обидите за злоупотреба, но граѓаните бараат систем кој ќе функционира и ќе има ред. Особена улога во откривањето на злоупотребите имаат и укажувачите, рече таа.

„Секое општество мора да има механизам и начин како да ги заштити укажувачите, бидејќи тие се важен елемент во заштита од сите форми на злоупотреби и на корупција и сите институции од највисоко ниво па се до најниско ниво треба да работат на целосна имплементација“, вели Грковска.

Претседателката на Антикорупциска комисија забележа дека процентот на усвоени препораки за успешно справување со корупцијата е многу низок и дека тоа изнесува околу 30 проценти. Од друга страна пак потенцира на висок степен на политичко влијание во сите области.

„Негативното политичко влијание особено доаѓа до израз и при поставување на висока раководна структура по институциите, договарање за скапи тендери, урбанистичко планирање, располагање и продажба на државниот имот, склучување на договори за концесии, доделување на лиценци, доделување на средства од ваучери за спортски федерации, клубови, спортисти и така натаму“, вели Ивановска.

Националната стратегија за борба против корупцијата беше усвоена во Собранието пред една година, но антикорупционерите упатија забелешки дека нема големо почитување на препораките.