Ковачевски: Добро е Законот да оди на Венецијанска комисија; ВМРО-ДПМНЕ: Не се плашиме од проверка

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Не е спорно нашите закони да бидат проверени од европски институции, истакна премиерот Димитар Ковачевски во однос на иницијативата на министерот за надворешни работи Бујар Османи измените на Законот за здруженија да се испратат на разгледување во Венецијанската комисија. Тој притоа рече и дека сепак е потребен нов закон за здруженија.

„Ние на седница на Влада ќе ги разгледаме сите аспекти на Законот за здруженија на граѓани кој што беше донесен едногласно од сите пратеници и откако ќе се види дискусијата во однос на кои делови треба да се направи разгледување на тој закон тогаш можеме и да донесеме одлука. Во моментов тој закон е во сила во државата и со оглед на тоа дека нашите пратеници едногласно сите го донесоа тој закон ќе се применува во државата и тоа го кажав и во присуство на бугарскиот премиер“, вели Димитар Ковачевски.

Не се плашиме од мислењето на Венецијанската комисија, законот е донесен со мнозинство гласови, порача пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Жаклина Пешевска.

„Законот за здруженија и фондации изгласан со 83 пратеници, донесен со мнозинство пратеници во кој што учествуваа и гласаа пратеници од парламентарното мнозинство од власта за да сега Бујар Османи се дрзне и да кажува дека ќе го даде на Венецијанска комисија, сакам да испратам порака дека ние не се плашиме од мислењето на Венецијанската комисија, но сакам да го потсетам дека кога Собранието носи со мнозинство гласови тоа треба да го спроведува Владата без поговор“, вели Пешевски.

Во однос на предлогот Венецијанската комисија да го разгледа законот, вчера министерот за надворешни работи рече дека најмногу сака да биде сигурен за исправноста на делот на законот во кој е предвидено ретроактивнo дејствo, односно со него да бидат опфатени и здруженијата кои веќе се формирани.