Ковачевски го одби Мицкоски за лидерска – „дебата за уставни измени не се води кога пушташ канализација“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во работната група секој ќе може да достави предлози и идеи за тоа како треба да изгледаат уставните амандмани а не да ги изнесуваат и кога пуштаат канализација  во општини, изјави премиерот Димитар Ковачевски коментирајќи ги настапите на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој вели дека за него е прифатлив хрватскиот модел на уставни промени.

Нам ни треба македонски модел со кој ќе продолжиме по патот на членство во Европската унија, истакна Ковачевски на заедничката прес конференција со хрватскиот колега Андреј Пленковиќ.

Тој притоа ја одби пораката на Мицкоски за ова да се дебатира на лидерска средба, бидејќи како што рече таква средба се одржа во декември.

„На таа средба лидерска сите лидери на политички партии се согласија за потреба од носење на уставните измени освен еден кој што молчеше и двајца кои што не дојдоа. Затоа сметам дека нема потреба од лидерска средба. Уставни измени – дебата не се води на телевизија, не се води кога се пуштаат градежни работи на канализациони цевки во одредени општини, уставни измени – дебата се води во експертска работна група каде секоја политичка партија делегира свои претставници“, вели Димитар Ковачевски.

Хрватскиот премиер Пленковиќ очекува дека сите политички партии во земјава ќе постигнат консензус за уставните измени кои се важни за да не се застане во процесот на зачленување во Европската унија.

„Би било добро да се постигне консензус зад кој ќе можат да застанат сите и зад кој пред се може да застане народот и зад кој може да застанат нивните политички претставници. На политичките партии во Македонија и на институциите е да изнајдат модел на уставни промени и најдобрите решенија кои се  својствени во Северна Македонија. Што се однесува до подготвеноста на македонската Влада, во рамките на уставните промени во Уставот да се внесе и хрватското малцинство ние и тоа како го поздравуваме“, вели Андреј Пленковиќ.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ кој е во посета на нашата земја заедно со државната делегација по средбата во Владата се сретна и со македонскиот претседател Стево Пендаровски а имаше обраќање и пред пратениците во Собранието.