Голема излезност на изборите во САД: Над 43 милиони Американци гласаа пред изборниот ден

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Голема излезност е забележана на предвременото гласање во Соединетите Американски Држави, особено во сојузните држави каде што се водат неизвесни изборни трки за места во Сенатот.

Во Мичиген, една од клучните држави за распределбата на политичките сили во Конгресот, повеќе од 2,3 милиони граѓани го искористиле правото на глас пред официјалниот изборен ден. Тоа претставува повеќе од една третина од вкупниот број регистрирани гласачи во државата.

Бројот на граѓани кои гласале предвреме во Мичиген веќе го надминал резултатот од конгресните избори во 2022 година, што укажува на зголемен интерес за годинашното гласање.

Демократите изразуваат задоволство од излезноста. Демократската конгресменка Деби Дингел оцени дека нивниот кандидат за Сенатот, Абдул Ел Сајед, има поволна позиција во изборната трка.

Својата проценка Дингел ја темели на разговори со различни групи гласачи, додека анкетите покажуваат раст на поддршката за демократскиот кандидат.

Аналитичката организација „Кук политикал репорт“ ја промени својата оценка за сенатската трка во Мичиген, од неизвесна во трка со мала предност за демократите.

Според податоците објавени минатата недела, на национално ниво повеќе од 43 милиони Американци веќе го искористиле правото на глас пред изборниот ден.

Изборите за Конгресот се особено значајни за претседателот Доналд Трамп, бидејќи нивниот исход ќе влијае врз можноста неговата администрација да ги спроведува политичките приоритети во преостанатите две години од претседателскиот мандат.