Премиерот на Албанија и албанската владина делегација во Скопје беа пречекани со високи почести од премиерот на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски.
На втората меѓувладина средба, премиерите на двете земји ја истакнаа важноста од натамошно унапредување на билатералната соработка, за која беше оценето дека е на високо ниво.
Во оваа пригода беа потпишани 12 меморандуми, 5 договори, 3 протоколи и 1 програма. Договорите вклучуваат соработка во областа на безбедноста, туризмот, трговијата, како и соработка во областа на електричната енергија, а како што беше истакнато, се очекува со тоа да се зајакнат врските меѓу двете земји и да се обезбеди безбедна иднина за граѓаните.
Еден од договорите што беше потпишан денеска се однесува на соработка за враќање на нелегално извезените икони. Документот овозможува враќање на 21 икона во црквите во земјава. Во оваа прилика Ковачевски на Рама му подари икона.
Двајцата премиери кои разговараа за иднината и за тоа што може да се направи за развојот на двете земји, пријателството и добрососедството, меѓу другото, испратија јасна порака дека Северна Македонија не треба да запре на европскиот пат, да се врати во минатото и да се самоизолира.
„Ми се чини дека само злобата, кусогледоста и лажниот патриотизам можат да станат причина за меѓусебна поделба и причина повторно да се создаваат проблеми на оваа земја, додека земјата треба да граби со чекори како сите други земји да гонадомести изгубеното време“, вели Еди Рама.
Запрашан дали вреди да се продолжи со идејата за Отворен Балкан, со оглед на реактивирањето на Берлинскиот процес, Рама рече дека Берлинскиот процес нема да биде вечен, а Балканот, како што додаде, е вечен. За Рама, берлинскиот процес останува „локомотива“ за регионот.
Премиерите Ковачевски и Рама се согласија дека добрите билатерални односи меѓу двете земји се од големо значење за економскиот развој, како и за продлабочување на деловната соработка меѓу бизнисите од двете земји. Исто така, беше истакнато дека растот на добрите односи, поврзаноста на народите, зајакнувањето на инфраструктурата меѓу двете земји е од големо значење за натамошен напредок.
