Ковачевски му ја предаде функцијата на Џафери – вети дека ќе се залага за фер и демократски избори

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Прв работен ден за новиот премиер Талат Џафери. На работа пристигна со новиот автомобил марка Мерцедес, возило кое досега го користеше Димитар Ковачевски.

Откако неговиот претходник му ја предаде функцијата, му ја честитавме и новата функција но и новиот автомобил. Џафери ова го сфати како иронија а рече дека за него не е важно превозното средство.

„Најпрво сакам да му ја честитам функцијата на новиот премиер но и новиот Мерцедес, видов денеска дојдовте со новиот Мерцедес на работа“

Џафери вели дека главната задача на оваа влада ќе биде организирање и спроведување фер и демократски избори.

„Нормално дека Владата која ќе ја предводам јас, има обврска да продолжи со целосно ефикасно и успешно спроведување на политиките прифатени со оваа програма. Секако дека примарната задача на оваа влада е предподготовката, организација и спроведување слободни, фер и демократски избори“, порача Талат Џафери.

Го прашавме Џафери кој ќе биде неговиот ангажман како премиер за проблемот со учениците и наставниците од Чашка, Велес, каде родителите Македонци и натаму го блокираат наставниот процес. Вели дека не ги знае деталите но дека ќе го разгледа проблемот.

Џафери вели дека како Влада ќе продолжат да стојат зад предлогот за измена на Уставот но додава дека тоа зависи од Собранието.

„Како Влада стоиме зад таа иницијатива која започна минатата година во влада. Не зависи веќе од волјата на владата туку од комуникацијата на политичките субјекти, обезбедувањето консензус за 2/3 од гласовите и да продолжи процесот“, порача Џафери.

Од друга страна  досегашниот премиер Димитар Ковачевски, рече дека периодот додека бил на функција не бил лесен за него, истакнувајќи дека со владините мерки е воведен систем кој функционирал во услови на криза. На Џафери му посака успех во работата порачувајќи да продолжат да бидат посветени на интересите на граѓаните.

Инаку техничката влада на чело со Талат Џафери беше изгласана со 65 гласа ЗА и 3 ПРОТИВ. ВМРО-ДПМНЕ беше присутна во салата но не гласаше. Албанската опозиција не учествуваше воопшто на седницата.