Мандатарот за формирање на новата Влада, Димитар Ковачевски во седиштето на СДСМ се сретна со претседателот на Алтернатива, Африм Гаши. На средбата стана збор за владината програма за прогресивна и држава со европска ориентација.
„Честитајќи му на функцијата на новиот претседател на социјалдемократите, г.Ковачевски, меѓу другото разговаравме и за иднината на државата и владината програма за прогресивна и држава со европска ориентација. Алтернатива, како дел од новата Влада, ќе биде посветена на унапредување на државата кон европското семејство и градење на прогресивна држава“, вели Африм Гаши.
Ковачевски се сретна и со претседателот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, кој рече дека новиот мандатар мора да го информира за новите министри кои ќе бидат дел од новиот владин состав. Трајанов исто така рече дека ќе побара да се формира нова Агенција за организиран криминал, чиј директор треба да биде избран од политиката.
Но, што доколку не се договорат?
Се очекува Ковачевски до понеделник да го извести партискиот одбор за новите кадри кои ќе влезат во Влада. Освен заминувања, ќе има и ротации, па така министерот за правда Бојан Маричиќ најверојатно ќе седне во вицепремиерската фотелја за евроинтеграции. Поранешниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов се најавува за министер за транспорт и врски, Неофицијално, партиски извори од Бихаќка брифираат дека и новата потпретседателка на партијата, пратеничката Бисера Костадинова Стојчевска е новата министерка за култура, а со ресорот земјоделие ќе раководи досегашниот заменик Трајан Димковски. Иако за директорката на УЈП Сања Лукаревска имаше информации дека ќе биде вицепремиер за борба против корупцијата, таа тврди дека останува прв човек на УЈП.
