Денес сите НАТО сојузници се обединети и ќе ја дадеме нашата поддршка за украинскиот народ и ќе останеме обединети, изјави премиерот Димитар Ковачевски пред денешниот вонреден самит на НАТО на која се дискутира за руската инвазија врз Украина. Во тој контекст тој истакна дека Македонија како земја членка на Алијансата ги следи политиките и на НАТО и на Европската унија
„Северна Македонија како земја членка на НАТО веќе ги усогласи своите надворешни политики со Европската унија и ги донесовме сите одлуки усогласени со НАТО членките и со земјите членки на Европската унија со цел да ги одвратиме сите напади кои што путинова Русија ги врши кон Украина. Веруваме дека мирното решение е единствениот начин за напредување“, истакна Димитар Ковачевски.
Ковачевски оцени дека инвазијата на Русија врз Украина е кршење на суверенитетот и територијалниот интегритет на независна држава и предизвикува бегалска криза.
„Во насока на помагање на украинскиот народ ги донесовме сите одлуки за нашата земја да ги прифати сите бегалци кои што ќе побараат засолниште во нашата држава. Северна Македонија како членка на НАТО даде соодветна помош на украинскиот народ затоа што сега е време кога слободниот украински народ има потреба од помош од страна на демократскиот свет“, вели Ковачевски.
Во однос на разговорите на членките на НАТО за зајакнување на источното европско крило на Алијансата, Ковачевски истакна и дека на Самитот меѓу другото ќе се говори и за тоа.
