Сиромаштијата не значи само недостиг од пари, туку и ограничен пристап до образование, здравствена заштита, безбедно домување и социјална сигурност. По тој повод, 17 октомври се одбележува како Меѓународен ден за искоренување на сиромаштијата, со цел да се подигне свеста за нееднаквоста и да се поттикнат владите и институциите да преземат конкретни мерки за заштита на човековото достоинство.
Глобалните предизвици остануваат огромни. Според Обединетите нации, стотици милиони луѓе живеат во екстремна сиромаштија, додека милијарди се соочуваат со несоодветни услови за домување и недоволна социјална заштита. Овогодишното одбележување става акцент на достоинството, човековите права и потребата од безбедно и достапно домување, како основа за прекинување на кругот на сиромаштијата.
Во Македонија, според податоците на Државниот завод за статистика, стапката на ризик од сиромаштија во 2024 година изнесувала 21,9 отсто. Особено загрижувачка е состојбата на децата и семејствата во социјален ризик, како и ограничениот пристап до детски додатоци, предучилишно образование и соодветни услови за живот.
Македонската платформа за борба против сиромаштијата (МППС) упати отворено писмо до Владата, барајќи долгорочни политики и конкретни мерки за намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост. Меѓу приоритетите се национална стратегија со обезбеден буџет, посилна социјална заштита, поддршка за децата и семејствата, достапно домување и подобар пристап до здравствени услуги.
„Бараме итно спроведување на Европската гаранција за децата, воведување универзален детски додаток, донесување сеопфатна Национална стратегија против сиромаштијата со обезбеден буџет, мерки за спречување на бездомништвото и обезбедување достапно домување, намалување на трошоците за здравствена заштита и подобра поддршка за постарите лица. Стратегиите мора да бидат проследени со конкретни мерки, финансиски средства и учество на граѓанските организации“, порача МППС во своето обраќање до Владата.
Овој ден се одбележува од 1987 година, кога илјадници луѓе се собрале во Париз за да им оддадат почит на жртвите на сиромаштијата, гладот и насилството и да порачаат дека сиромаштијата претставува повреда на човековите права. Во 1992 година, Генералното собрание на Обединетите нации официјално го прогласи 17 октомври за Меѓународен ден за искоренување на сиромаштијата.
