Премиерот Димитар Ковачевски, не почека до недела раководството на Алтернатива да донесе одлука – дали ќе остане или не во Владата.
Ковачевски веќе предложи сите министри на Алтернатива да се заменат со кадри на Алијанса за Албанците. Но, случајно или не, и денеска од СДСМ ја повикаа Алтернатива да се издигне над партиските интереси и да продолжи со соработката.
Што се однесува до новите имиња предложени за министри и заменици-министри, може да се забележи дека Ковачевкси не го сменил само заменикот-министер за култура Даим Лучи кој е кадар на Алтернатива и близок со пратеникот Скендер Реџепи-Зејди, кој веќе делува како независен пратеник.
Став побаравме од пратеникот Реџепи, но не добивме одговор.
Но, и покрај потезите на Ковачевски, од Алтернатива молк. Партијата не реагираше ниту за новите имиња кои ќе бидат дел од владиниот кабинет. Вчера најавија дека конечниот став ќе го изградат утре на седницата на Централното собрание на партијата.
„Расудуваме трезвено, без емоции целосно свесни за предизвиците кои нѐ очекуваат. Уште еднаш потенцираме дека нема да влетаме во замката што ни се подметнува. Нема да оставиме ниту минимум простор дека Алтернатива на било каков начин самата придонесе за процесите кои неминовно следат“, велат од Алтернатива.
Алтернатива стана дел од Владата пред една година поради договор кој го склучи со екс-премиерот Зоран Заев со цел зајакнување на парламентарното мнозинство и зачленување на земјава во ЕУ.
