Дали се заладени односите меѓу коалициските партнери СДСМ и ДУИ, ова прашање некако се наметна откако пратеничката група на социјалдемократите не обезбедија поддршка за законот за игри на среќа на кој инсистираше ДУИ. Само дел од пратениците на СДСМ го стиснале зеленото копче за овој закон што беше недоволно за да помине, со што се покажа дека коалициониот партнер на ДУИ, СДСМ не им го обезбеди потребното мнозинство. Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски рече дека тој никогаш не им сугерира на пратениците како да гласаат.
„Тој закон колку што знам доби во второто гласање 51 глас што значи дека имало 51 пратеник кој што гласале за него без разлика од која политичка партија доаѓаат, меѓутоа тоа е недоволно. Така што во однос на гласањето на пратениците ќе мора да се обратите до сите пратеници и сите политички партии кои што учествуваат во парламентот за да кажат, бидејќи јас веќе еднаш имам кажано дека не сугерирам на пратениците како да гласаат во парламентот“, вели Димитар Ковачевски.
Овој закон на почетокот на февруари беше усвоен, но претседателот на државата Стево Пендаровски одби да го потпише. Од ДУИ и тогаш но и сега велат дека му се лутат за тоа, но, координаторот на пратеничката група Арбр Адеми во вчерашната изјава, не посочи вина во СДСМ за необезбеденото мнозинство.
„Одлуката на пратеничката група на СДСМ иако јас не сум во својство да зборувам од нивно име, но јас ја знам, одлуката е да се поддржи предлог законот. Поединци кои не го изгласа предлогот кои намерно или ненамерно отсуствуваа тоа е нивна работа. Дали имаме замерки кон претседателот на државата, со непотпишување на указот – да. И тоа сме го кажале не еднаш туку во повеќе наврати“, вели Арбр Адеми.
Од албанската опозиција и денеска реагираа дека овој закон е штетен, а директно го обвинија Артан Груби за како што рекоа криминална вмешаност
„Овој закон за игри на среќа, кој Артан Груби експресно се обиде да го донесе со европско знаменце, за што жестоко реагираше и меѓународниот фактор, немаше никаква врска со заштитата на младите од коцкање, туку беше само обид за легализирање на криминалните договори кои Артан Груби ги склучил преку својот Курбан Прпарим Бајрами. Нема поголема иронија кога ДУИ-Лотарија, која само во овој 4-годишен мандат вложи 46 милиони евра пари на граѓаните во набавка на апарати за казино, да се преправат дека ништо не знаат“, порача Фари Исени.
Системот на Собранието регистрирал дека присутни биле 109 пратеници, иако вкупниот број на оние кои гласале е 73, од кои 51 пратеник гласал За а други 22 против.
