Одлуката за уставните измени е одлука за членство на земјава во ЕУ и сите политички партии имаат одговорност да обезбедат европска иднина, рече премиерот Димитар Ковачевски во врска со одлуката на опозициската ВМРО-ДПМНЕ да не учествува во работната група за уставните измени. Меѓутоа можноста за сугестии останува отворена рече премиерот во интервју за Сител од Виена.
Од ВМРО-ДПМНЕ премиерот го нарекоа “кукавица што се крие за работната група“, а се на ставот дека оваа група за уставните измени нема кредибилитет бидејќи вистинските експерти на време се повлекоа.
„Ковачевски кукавучки се крие зад работната група за уставни измени.“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Кога СДС и ДУИ видоа дека немаат експерти за во работната група, прибегнаа кон ангажирање на пензионирани луѓе, кои се родители на нивни функционери, како што е примерот со Бранко Наумовски, татко на поранешниот градоначалник на Ѓорче Петров, сестри на функционери од ДУИ, како што е примерот со Беса Арифи, сестра на Теута Арифи и луѓе кои се јавуваат како дежурни пропагатори на политиките на власта во дебатни емисии или во колумни како Ана Чупеска.
И лидерот на оваа партија, Христијан Мицкоски одбива да им одговори на новинарите на прашањето за уставните измени.
„Христијан Мицкоски, деградира, навредува, омаловажува професори којшто ќе учествуваат во таа работна група. Но јас би ја тргнала таа кривична одговорност која што е безпредметна значи токму кривичната одговорност за која што зборува Мицкоски е безпредметна и би скала да прашам кога конечно Христијан Мицкоски ќе понесе морална одговорност затоа што не учествува во ниту еден процес кој ја носи државата напред“, рече Богданка Кузеска од СДСМ.
Од Министерството за правда истакнаа дека првично треба да се конституира а потоа да се одржи првата средба на работната група каде ќе се формулираат амандманите за уставните измени за внесување на Бугарите и другите етнички заедници во Уставот. Откако групата ќе ги изготви амандманите, ќе се премине на јавна дебата а потоа ќе бидат испратени во Собрание. Останува нејасно дали на маса ќе се најде прашањето за замена на зборот “јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните“ со “албански јазик“, бидејќи од АА веќе истакнаа дека ќе го покренат ова прашање, но коалиционите партнери СДСМ-ДУИ одговорија дека сега приоритет е внесувањето на Бугарите во Уставот што ќе овозможи продолжување на преговорите за членство во ЕУ.
