Преку покачувањето на платите и пензиите во година која не е изборна потврдивме дека го заштитивме животниот стандард на граѓаните, рече премиерот Димитар Ковачевски од Прилеп при посетата на фабриката Витаминка.
„Да бидете премиер за време на најголема светска криза, која што е предизвикана од воена агресија во време кога светските берзите на основните прехранбени производи, на нафтените деривати и енергенсите се на историски највисоко ниво после втората светска војна, да бидете премиер кога земјата, односно Европа само што излезе од здравствена криза и економски последици кои беа предизвикани од неа и енергетска криза која што само се надоврза оваа криза е голема одговорност“, вели Димитар Ковачевски.
Во Министерството за Економија денеска се подготвува анализа за тоа како се спроведуваат веќе донесените мерки, но доколку војната во Украина продолжи не е исклучена можноста да бидат донесени и нови мерки.
„Нашата држава главно економијата ја има со ЕУ согласно договорот за стабилизација и асоцијација и согласно договорот на ЦЕФТА и тоа може да се прошири во случај кога Војната во Украина продолжува и тогаш ќе треба од други држави да се снабдуваме со суровини или пак финални производи“, истакна Крешник Бектеши.
Премиерот и Министерот за Економија беа во посета на компанијата Витаминка во Прилеп од каде велат дека имаат суровина за производство на масло во следните три месеци, но осигуран е увозот и за понатаму.
„Се трудиме да ја држиме цената на едно реално ниво, на ниво кое е минимално да ги задоволни потребите за егзистенција ан фабриката. Ние немаме големо количество масло за јадење кое го извезувавме. Многу мали симболични количини имавме за Косово и Албанија. Нас не не погоди таа мерка и мислам дека е оправдана за да го заштити домашниот пазар“, вели Сашо Наумовски.
Премиерот ја коментираше и анализата на Обединетите Нации според која во Македонија живеат најнесреќни луѓе од цел Балкан. Но тој е оптимист.
„Ако продолжиме во таа насока, тогаш сметам дека и задоволството на нашите граѓани ќе расне и ќе биде на ниво на држави кои што се поразвиени од нашата држава…“, посочи Димитар Ковачевски
