Ковачевски разговарал со Таравари – очекува за изборите Алијанса да се приклучи кон фронтот за европска Македонија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Поранешниот премиер Димитар Ковачевски не сакаше да ги коментира турбуленциите кои деновиве се случуваат во Алијанса за Албанците. Тој само потврди дека имал средба со Арбен Таравари, додека со Зијадин Села како што нагласи нема разговарано туку само се виделе во парламентот. Во разговорите со Таравари, Ковачевски рече станало збор за односот во коалицијата, техничката Влада како и за Владата додека Ковачевски беше премиер.

„Точно е дека имавме средба со господинот Таравари и како што соопштивме после средбата разговаравме за односот во коалицијата, во техничката Влада во моментов но и за она што беше направено во изминатата година бидејќи додека јас ја водев Владата во половина од мандатот имаше министри и од Алијанса за Албанците. Што се однесува до динамиката во односите на Алијанса за Албанците, не би коментирал бидејќи се работи за друг политички субјект и тие се нивните партиските органи, нивните функционери се тие кои што треба да ги дадат одговорите и да излезат со ставови“, вели Димитар Ковачевски.

Ковачевски сепак повторно го повика Таравари да се приклучи на предизборната коалиција фронт за Европска Македонија.

 „Јас сметам дека местото на политичките партии прво е во коалиции со кои што делат исти вредности, не навлегувајќи во тоа кој во која коалиција е како политички субјект и  се уште важи понудата од СДСМ сите оние политички партии, невладини организации и други организации и поединци кои ја делат визијата за Европска Македонија да ни се приклучат на изборите на 24 април и 8 мај“, порача Димитар Ковачевски

Дали ова ќе има влијание врз техничката влада, каде што дел се и министри од Алијанса за Албанците. Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ вели дека не очекува да се случат проблеми.

„Ние имаме комуникација со сите политички партии вклучувајќи ја и Алијанса за Албанците тие се се уште наш коалиционен партнер и ние веруваме дека ќе има сила Алијанса во внатрешната дискусија да донесе вистински одлуки. Не очекувам дека техничката влада ќе се урне и очекувам да остане техничката влада до крајот на мандатот односно до денот на изборите сигурно, а потоа веќе ќе се други процедурите, не очекувам да се случи тоа“, порача Бојан Маричиќ.

Од ВМРО-ДПМНЕ не сакаа да ги коментираат случувањата во Алијанса за Албанците велат дека тоа се внатрепартиски работи кои тие самите треба да си ги решат.