По Алтернатива, парламентарното мнозинство го напушти и Демократскиот сојуз, партија која беше дел од коалицијата со само еден пратеник – претседателот, Павле Трајанов. Тој најави дека нема да гласа за реконструкција на Владата, додавајќи дека е неприфатлива тезата дека сите партии кои не се дел од Сојузот за Европа, се против ЕУ. Трајанов додава дека и од опозиција ќе продолжи да го поддржува европскиот пат на земјава.
Премиерот Димитар Ковачевски, со критики до Трајанов што не гласал за Законот за Фронтекс. Вели дека очекува во иднина да постапува проевропски и да не стане заложник на Апасиев, како Мицкоски. А во однос на гласањето на новата Влада, Ковачевски е убеден дека има стабилно мнозинство.
Пратеникот на ДУИ, кој е член на „огнената група“, Изет Меџити, смета дека Ковачевски со оваа изјава се труди да го зачува мирот на структурата во мнозинството, бидејќи, како што вели, и премиерот знае дека во новото мнозинство нема 64 пратеници.
-Ова укажува дека нема 64. За жал се докажува она што постојано го велев дека станува збор за политичка акробација, која не е поврзана ниту со Сојуз за Европа, ниту со зголемување или стабилизирање на мнозинството, бидејќи гледаме дека осуммина можат да влезат, но осуммина или повеќе излегуваат… Има најави и за повеќе (дека ќе излезат). Оваа бројка е многу далеку до обезбедување на 81 за уставните измени за евроинтеграциите.-вели Меџити.
Меџити додава дека освен него, и пратениците Мерита Коџаџику и Кастриот Реџепи не го поддржуваат влегувањето на АА во Влада.
Од СДСМ не очекуваат никакво изненадување од нивните пратеници при гласање за реконструкција на Владата. Цврсто се убедени дека сите социјалдемократи ќе гласаат „за“.
