Сирени се огласија во источна Полска, подигнати и воени авиони поради руските напади со дронови близу границата во западна Украина

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Сирени се огласија во источна Полска, беа подигнати воени авиони, а два аеродрома привремено го прекинаа воздушниот сообраќај откако руските напади врз Украина се приближија до границата на оваа членка на НАТО, соопштија во полските и украинските власти.

Полската армија соопшти дека не е регистрирано нарушување на полскиот воздушен простор и дека воените авиони ги завршиле своите операции. Аеродромите во Жешов и Љублин повторно се отворени по привременото затворање.

„Масовниот напад врз западниот дел на Украина – многу блиску до полската граница – штотуку заврши“, изјави премиерот Доналд Туск на прес-конференција. „Најверојатно повторно е погодена бензинска станица, а нашите авиони беа подигнати во воздух.“

Потполковникот Јацек Горишевски, портпарол на Оперативната команда на полските вооружени сили, за приватната телевизија TVN24 изјави дека беспилотно летало се урнало или било соборено на околу 4 километри од полската граница.

Заменик-министерот за одбрана Цезари Томчик изјави дека Оперативната команда на армијата однапред одобрила полските воени авиони да соборат секое беспилотно летало што би ја преминало границата.

Министерот за одбрана Владислав Косинијак-Камиш во објава на мрежата X соопшти дека Полска ја зајакнува заштитата на својот воздушен простор. „Ја зголемивме активноста на авионите F-16 и хеликоптерите и ги зајакнуваме нашите системи за воздушна одбрана и брза реакција“, напиша тој.

Украински претставник за Ројтерс изјави дека експлозии се слушнале на неколку километри од границата, на украинска страна.

Претходно, во неделата руски дрон погоди патнички воз на само два километри од украинско-полската граница.

Жителите на два источни региони во Полска добиле предупредувања за опасност од воздушни напади и инструкции да се засолнат на безбедно место. Локалните медиуми објавија дека се огласиле сирени, а во некои училишта учениците биле упатени во засолништа.