Ковачевски: Успеавме, 500 евра просечна плата – ВМРО-ДПМНЕ вели дека зголемувањето е вештачко

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Над 30 илјада денари е просечната плата, објави премиерот Димитар Ковачевски, кој рече дека ветувањето дадено до граѓаните дека просекот на платите ќе достигне 500 евра е исполнето.  Зголемувањето на платите и вложувањето во стандардот на граѓаните е политика на која останавме доследни благодарение на правичните политики и одговорното владеење и покрај опструкциите и блокадите од опозицијата, порача Ковачевски.

„Малку кој веруваше дека ќе имаме просечна плата од 30 илјади денари. Ова ветување беше мета на критики и потсмев, но со доследни политики успеавме да го реализираме. Во време на голема економска криза сфаќаме колку е значајно вложувањето во приходите на граѓаните и работниците. Со покачувањето на платите се штитиме од големиот раст на цените а Буџетот го насочуваме онаму каде е најпотребно. Пред нас е тешка зима во која ќе ги вложиме сите сили да ги намалите ценовните шокови“, истакна Димитар Ковачевски.

Но од опозицијата тврдат дека просечната плата од 500 евра е нереално и дека единствено што е реално, според нив е високата инфлација и уништен стандард на граѓаните.

„Сето тоа повторно е вештачко, мораме да потенцираме дека малку кој веруваше во Република Македонија дека СДСМ ќе ја донесе државата на ова дереџе и дека ќе имаме двоцифрена инфлација која што е една од највисоките во регионот. Малку кој веруваше дека цените на основните животни потреби на граѓаните ќе се зголемат од 30 до 100 проценти. Да престане да ги лаже граѓаните, стандардот на граѓаните е уништен и тоа го гледаат тие самите секојдневно“, посочи Димче Арсовски.

ТВ21 ги запраша и граѓаните дали нивните плати се во рангот на просечната плата, односно дали таа изнесува 500 евра.

„Не, Не..“

„Да… не е просечна, мојата е тука некаде“.

„Па да донекаде… Но мислам дека треба да се покачи во секој случај да биде еднаква за сите и за тие што се минималци бидејќи највеќе се трудат најзастапени се и мислам дека се потценети, а се во најголем број. За разлика од нив администрација во суштина ништо не работат клатат врата а земаат плата и тоа треба да се смени“.

Зголемувањето на просечната плата го објави вчера Државниот завод за статистика каде се наведува дека мартовската просечна плата достигната 31.080 денари, што е годишен пораст за 10,1 процент.