Повикот на претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за национално единство кон државните интереси во преговорите со Бугарија, премиерот Димитар Ковачевски го оцени како неискрен и дека тоа единството се прави во Собранието. За Декларацијата што беше доставена во Собранието за Гоце Делчев тој истакна дека е еднострана со што не му помага на преговарачкиот процес. Ковачевски додаде и дека била упатена покана до ВМРО-ДПМНЕ за учество во работните групи формирани заедно со претставници од бугарската влада, но таа покана била одбиена.
„Сметам дека таа воопшто не е искрена бидејќи ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период единствено нешто што прави е креирање на хистерија во однос на разговорите кои што се водат со Република Бугарија. Единството и застапувањето во нашата држава се прави во законодавниот дом кој што претставува дом на сите граѓани кои што се застапени од пратениците и доколку ВМРО-ДПМНЕ мисли дека со еднострани декларации со кои што единствено се попречува процесот на разговори кои што се водат во духот на европски вредности и на задржување на достоинството на сите граѓани дека ќе помогне, тие го прават токму спротивното“, рече Ковачевски.
Мицкоски вчера обраќајќи се при давањето отчет за работењето на градоначалниците 100 дена од локалната власт, упати критики кон Бугарија за негирање на македонската историја и идентитет. Рече дека е многу загрижен поради тоа што нема единство за Гоце Делчев во парламентот и дека тоа предавство доаѓа од СДСМ. За денешната изјава на Ковачевски, вели дека не е изненаден, но сепак вели дека понудената рака од ВМРО-ДПМНЕ за обединување останува.
„Не очекувам од луѓето кои се слепи следбеници на заевизмот, една политика која е жестоко поразена на изминатите локални избори на два пати да бидат рационални и да се издигнат над ситуацијата и да застанат еднаш во одбрана на македонското национално достоинство и да ги штитат македонските вредности. Јас подадов рака, таа рака се уште е подадена, стојам на располагање, секогаш кога ќе треба да се обезбеди единство“, рече Мицкоски.
Вчера и министерот за надворешни работи Бујар Османи, рече дека преговорите со Бугарија треба да се водат со ладна глава и да не се води политиканство за разговорите со официјална Софија.
