Ковачевски за ТВ21: Не прифаќам уцени, избори во 2024-Блокадите не ја унапредуваат демократијата, вели Ахмети

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На условот што го постави претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, или предвремени избори или блокада на Собранието му одговори премиерот Димитар Ковачевски. Тој во вчерашниот магазин на ТВ21 Клик плус рече избори ќе има, но редовни во 2024 година.


Ние имаме Влада која што има целосен легитимитет, поддршка од мнозинство во Собранието, избори ќе имаме во 2024 година и претседателски и парламентарни избори, а на опозицијата и останува во тој период прво да покаже дека се грижи за граѓаните. Не е дека се плаши некој од владината коалиција во моментов од предвремени избори туку ВМРО-ДПМНЕ и нивниот претседател се плашат од редови избори во 2024 година, вели Ковачевски.

Мицкоски деновиве му порача дека има рок до 10 овој месец да прифати да се договорат за предвремени избори и дека иднината на државата се крои во Мала Речица. Ковачевски барањата на Мицкоски ги нарече уцени кои тој не ги прифаќа, но одговори и дека одлуките на Влада се носат на седница а не во Мала Речица.


„Одлуките на Влада се носат на седници на Влада, сите одлуки на Влада се стенограмски забележани и сите записници од Владата се достапни за јавноста бидејќи ова е најотворената Влада од формирањето на државата. На седниците на Влада рамноправно учествуваат сите претставници на коалиционите партнери. Не може да се каже дека некој оди некаде за одлуките на Влада, сите одлуки на Влада се носат во Владата на Република Северна Македонија“, вели Ковачевски.

За најавата на блокада се огласи и претседателот на ДУИ Али Ахмети. Бојкотот и блокадата не не носат напред, вели тој.

„Бојкотите не се категорија за унапредување на демократијата. Во демократијата се оди напред со дебати, со компромиси и мислам дека сме држава која сме ги унапредиле овие вредности . Не мислам дека бојкотот и блокадата ни служат да чекориме напред“, вели Ахмети.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Ковачевски е деструктивен и поради него државата е во криза, а дека тој сака само да ја зачува власта.

„Ковачевски ја турка Македонија во провалија, само да ја зачува власта. Ковачевски е деструктивен, заради него и СДСМ, државата се наоѓа во неколку кризи а народот е се посиромашен, тој нема идеја како да ја извади државата од ќор-сокакот во кој не внел и упорно сака да остане на власт и бега од избори. Ковачевски и СДСМ мора да сфатат дека единствен излез од кризата се предвремени парламентарни избори, само така државата ќе добие силна влада водена од ВМРО-ДПМНЕ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Вчера и од движењето Беса најавија дека ќе се приклучат кон активната блокада на Собранието, со нивните двајца пратеници. Од ДУИ пак, најавата на ВМРО-ДПМНЕ ја оценија за институционално насилство.