Ковид-19 – закана за работните места? – Нема субвенции за компаниите кои ќе отпуштаат вработени

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Поради економската криза која настана како резултат на пандемијата Ковид-19 во опасност се и работните места. Владата донесе мерки за субвенционирање на приватните компании, со цел да не ги отпуштаат вработените. Министерот за економија, Крешник Бектеши, рече дека работодавците кои ќе отпуштаат работници нема да имаат право на субвенционирање од Владата со минимална плата од 14.500 денари.

„Секоја компанија во РСМ која ќе сака да ги искористи владините мерки, секако дека еден од критериумите ќе биде да ги врати вработените кои претходно ги отпуштил, а во наредните два месеца минималната плата за тие работници ќе ја обезбеди Владата“, истакна Крешник Бектеши.

Претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Неби Хоџа, бара од Владата државата да го врати долгот што го има кон приватните компании.

„Во ситуација кога имаме многу државни институции кои имаат долг кон приватните компании… значи – ајде не ми давај помош, туку врати ми го долгот што го имаш. Ова ќе помогне за компаниите да ја одржат ликвидноста“, додаде Неби Хоџа.

„Дали знаете дека овие бизниси ако паднат во бездна, ќе треба да се отпуштат луѓе од администрација, нема да се дискутира за намалување на платата, туку за работното место, за тоа колку вработени ќе треба да заминат од администрацијата?“, посочи Аријанит Хоџа.

И Елми Азири од Алијанса за Албанците, Бардил Даути од ДПА и Дритон Сулејмани од Алтернатива, бараат Владата да излезе со сеопфатен и долгорочен економски план.

„Оваа Влада има недостатоци во креирање на економските политики, бидејќи постојано се занимава со креирање на социјални политики. Овие социјални политики не даваат резултат. Време е за сеопфатен економски план“, вели Елми Азири.

„Експанзивната монетарна политика обезбедува долгорочен економски раст, внимавајќи да немаме евентуален пораст на инфлација“, порача Бардил Даути.

„Има уште неколку мерки кои наидуваат на глуво уво, а за кои ние сметаме дека се многу поважни за надминување на кризата“, додава Дритон Сулејмани.

Пред неколку дена, лидерот на СДСМ предложи да се намалат платите на административците, но предлогот наиде на негативни критики од другите партии и падна во вода. Пониски плати ќе има само за државните раководители во сите сектори за април и мај.