Град Тетово денеска регистрира 13 нови случаи со Ковид-19, а 358 случаи се активни. Бројот на заразени ќе биде и поголем бидејќи има многу граѓани кои ги кријат симптомите и не се јавуваат на матичен лекар. ТВ21 разговараше со еден граѓанин кој иако имал симптоми не се јавил во болница, бидејќи, како што вели нема здравствено осигурување. Тој рече дека не можеда ги плати трошоците поради неговата финансиска состојба.
Новинар: Кога ги добивте првите симптоми?
„Немав чувство за вкус, имав температура, се чувствував изморен. 14 дена ми беше тешко, во болница не отидов бидејќи немав пари, такви ми се условите. Се мачев со чај и лимон, дома примав инфузија, такви работи…“
Новинар: Во болница не бевте бидејќи немавте пари?
„Да, немав никаква помош од државата, финансиски сум слаб“.
И лекарот Илир Јаји вели дека има многу пациенти кои не ги кажуваат симптомите и дека се уште има граѓани кои не веруваат дека постои Ковид-19. Според него на многу лица им се влошува состојбата токму затоа што ги кријат симптомите.
„Има пациенти кои имаат симптоми и проблемот е што ги кријат. Не е проблемот во дијагностифицирањето. Ги кријат симптомите а како што се знае единствен начин за дијагноза на пациент со Ковид-19 е тестирање со ПЦР тест и често наидуваме на тешкотии да ги убедиме пациентите“, истакна Илир Јаји.
Еден тест во приватна лабораторија изнесува околу 4 илјади денари и бројот на граѓани кои немаат здравствено осигурување во Тетово е голем. Повеќето од нив немаат здравствено осигурување бидејќи немаат државјанство.
