Бројни реакции и забелешки за предлог законот за судска служба беа изнесени на јавната расправа по овој закон на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците. Претставници од службите и синдикатите побараа тој да се повлече од процедура и или сериозно да се интервенира амандмански или да се изготви нов во кој службата ќе биде дел од судската власт. Христина Палчевска, која беше и член на работната група се огради од законското решение бидејќи како што рече тој воопшто не е истиот на кој работеле тие.
„Предлог законот кој што денеска го дискутираме не е реформски, не ја унапредува положбата на судската служба и што е најважно од се е неприменлив. Ваквото законско решение е несреќно законско решение, зошто, затоа што одредбите од Законот за административни службеници во судовите се неприменливи“, вели Палчевска.
Претставниците од судската служба велат дека овој предлог закон е многу понеповолен од претходно и дека тој воопшто не е реформски. Сметаат и дека лошо е уредено пресметувањето на платите во однос на коефициентите како и тоа дека не се препознава специфичноста на судската служба и работата на судските службеници.
„За жал наместо денеска да расправаме за предлог амандмани и да го усовршиме законот ние својата енергија ја трошиме на три битни фактори. Тоа е сите да сме судска служба, достоинствено да имаме просечна плата по коефициент затоа што сме едно од трите власти во државата и да ги имаме додатоците кои ги заслужуваме“, изјави Дијана Георгиевска од Основен суд Скопје.
„За цели два часа и 7 минути да не се слушне ниту една пофалба, ниту еден позитивен коментар за вака предложени закони тоа самото по себе треба да претстави аларм дека предлозите на законите ви се за рикверц.“, рече Фатиме Фетаи.
Во одбрана на законскиот текст се јави Катерина Гичева од Министерството за правда, според која ваквото решение обезбедува автономија на службата и се прави јасно раздвојување на судските службеници од административните службеници .
„Во овој предлог закон за прв пат се воспоставува целосно системско уредување на правата и обврските и кариерниот развој на вработените во судската служба. Во постојниот закон е наведува дека судските службеници се со статус на административни службеници.“, вели Катерина Гичева од министерството за правда.
Покрај за судската служба на јавна расправа треба да се најде и предлог законот за јавнообвинителска служба за кои и двата закони се дел од реформската агенда.
