Замрзнат е имотот на децата на Драги Рашковски, како и неговата трансакциска сметка од страна на Кривичниот суд. Ова е направено по барање на Обвинителството, односно на обвинителката Ивана Трајчева.
Исто така замрзнат е и имотот на фирма која беше сопственик на возило управувано од страна на Рашковски, а за која сега се води истрага.
На екс генералниот секретар на владата му е потврдена мерката куќен притвор која му беше одредена на почетокто на јули.
„Во предметот како оштетена се јавува државата со оштетно побарување во вкупен износ од 17.642.237,00 денари. Спрема едно од осомничените лица е определена привремена мерка – забрана за располагање со средства од сметка на која осомничениот како физичко лице има овластување да располага. Со истото решение спрема две малолетни лица, на кои првоосомничениот во предметот е законски застапник, е определена привремена мерка – забрана за оттуѓување или оптоварување на своите недвижности или стварни права кои врз недвижноста се запишани во корист на законскиот застапник, со прибелешка на таа забрана во јавна книга или да ги даде под закуп“, информираа од Обвинителството.
Рашковски им го препиша на неговите деца имотот, откако Обвинителството поведе постапка против него.
