Кривични пријави за надзорни инженери и фирми: Со лажни извештаи сакале да наплатат над 50 милиони денари

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривични пријави против пет физички лица: Б.Г., Г.Ф. во својство на надзорни инженери, и Е.Н., М.Г. и Н.М., сопственици и управители на две правни лица, како и против самите правни лица, за сторени кривични дела „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од чл. 353 од КЗ на РСМ, „Фалсификување или уништување на деловни книги“ од чл. 280 од КЗ на РСМ, „Измама на штета на средствата на Европската Унија – во обид“ од чл. 249-а од КЗ на РСМ и „Употреба на исправа со невистинита содржина“ од чл. 380 од КЗ на РСМ.

Пријавените лица, во својство на надзорни инженери, постапувајќи спротивно на законските одредби, ги пречекориле границите на своите службени овластувања, извршиле технички преглед на објекти и изготвиле завршни извештаи со невистинита содржина, спротивно на член 33 и член 90 став 3 од Законот за градење, со што им овозможиле на правните лица да ги впишат недовршените објекти во Агенцијата за катастар на недвижности и да се стекнат со противправна имотна корист.

Сопствениците и управителите на правните лица, иако биле свесни дека објектите не се завршени и не ги исполнуваат законските услови за ставање во употреба, ги употребиле завршните извештаи со невистинита содржина како основ за упис на објектите во јавните книги на Агенцијата за катастар на недвижности, со цел да создадат привидно исполнување на условите за користење и да овозможат исплата на одобрената финансиска поддршка од Програмата за рурален развој во рамки на Инструментот за претпристапна помош на Европската Унија (ИПА 3 – ИПАРД 2021–2027) и да се стекнат со противправна имотна корист во вкупен износ од 50.141.528 денари.