Кризната состојба и интерпелација на Спасовски на дневен ред во Собранието

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Собранието на Република Северна Македонија денеска треба да ја одржи 39. седница на чиј дневен ред е Предлог-одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење кризна состојба на дел од територијата на државата, заради висок ризик од зголемен обем на влез и транзитирање мигранти и заради заштита на јавното здравје од илегална миграција во услови на КОВИД и спречување на негово ширење.

Пред пратениците, како последна точка, е и Интерпелацијата за работата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски поднесена од Зиадин Села, Африм Гаши, Скендер Реџепи, Елми Азири, Сурија Рашиди, Халил Снопче, Илире Даути, Сафије Садики Шаини, Атнан Незири, Абдула Салиу, Артина Ќазими и Хусни Исмаили.

На седницата се и повеќе предлог-одлуки, како и предлог-закони за измени или дополнувања на постојни законски решенија.

Предлог-законот за изменување на Законот за данокот на добивка и Предлог-законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк, двата во прво читање, како и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за субвенциониран студентски оброк, Предлог-законот за изменување на Законот за енергетска ефикасност, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за финансиска поддршка за намалување на последиците предизвикани од КОВУД-19 врз производството, откупот на грозје и винската индустрија, по скратена постапка, Предлог-законот за дополнување на Законот за здравствената заштита, сите по скратена постапка, се меѓу точките од деневниот ред.