Возачот избегал откако ги фрлил дрвата на улица, полицијата го бара – градоначалникот на Арачиново: Секоја акција да се спроведе со максимална грижа за безбедноста

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Од Министерството за внатрешни работи излегоа со појаснување за вчерашните настани во скопско Арачиново, пренесува ТВ21. Според МВР, полицијата во текот на вчерашниот ден испукала предупредувачки истрели при потера по лице осомничено за шверц со дрва.

„На 24.05.2026 година околу 12:00 часот, на влезот во село Арачиново, Скопско, полициски службеници дале знак за запирање на камион натоварен со дрва, но возачот не застанал и го продолжил движењето. Потоа, возачот го насочил камионот кон полицајците и службеното возило, по што полицајците испукале предупредувачки куршуми во воздух. Возачот ги растоварил дрвата на патот и со возилото побегнал во непознат правец. Нема повредени лица, а дрвата се предадени на Шумската полиција. Се преземаат мерки за пронаоѓање на возачот и возилото“, велат од МВР.

Во врска со случајот реагираше и градоначалникот на општина Арачиново, Даут Беќири, кој порача дека секоја полициска акција мора да се спроведува професионално и со максимална грижа за безбедноста на граѓаните.

„Веднаш по настанот што се случи во Арачиново, излегов на местото на настанот за одблизу да ја видам ситуацијата и да разговарам со граѓаните. За среќа нема повредени, но загриженоста кај жителите беше голема, бидејќи настанот се случи во населено место со семејства. Како градоначалник, јас сум за спроведување на законот и одржување на редот, но секоја акција мора да се одвива професионално и со максимално внимание кон безбедноста на граѓаните. Барам од надлежните институции сериозно да го разгледаат случајот, со цел вакви случаи да не се повторуваат и граѓаните да се чувствуваат безбедно во своето место“, напиша Беќири.

Инаку, на социјалните мрежи имаше бројни реакции поради големото присуство на полициски сили за предметниот случај, како и поради истрелите од огнено оружје.