Реформите во образованието кои предвидуваат малите училишта кои имаат по пет, шест ученика да се спојат со поголемите, се прифатливи за општините, вели првиот човек на Заедницата на единици на локална самоуправа (ЗЕЛС), Орце Ѓорѓиевски. Тој вели дека оваа реформа е разговарана во сите тела на ЗЕЛС и дека иако раководствата на општините се свесни дека со овој процес ќе има и негативности, сепак придобивките ќе бидат далеку поголеми.
„Знам дека со реформите во одредени населени места каде што има по две, три, пет дечиња, ќе се доведеме во процес да дечињата се припојат кон некое поголемо училиште и логички е така. Затоа што дали се пет деца, дали се 50 деца, дали се 500 деца, трошоците ги имате. Ако не се исти трошоците во однос на наставнонаучниот кадар, во однос на загревање, во однос на ладење, во однос на трошење на електрична енергија, сите тие процеси повлекуваат исти трошоци“, изјави Орце Ѓорѓиевски, претседател на ЗЕЛС.
Министерката за образование Весна Јаневска вели дека спроведувањето на оваа реформа ќе почне од наредната учебна и секоја паралелка ќе има од 20 до 24 ученика.
„Оваа реформа многу сериозно ќе ја почнеме следната година, што значи со почетокот на учебната 2026 и 2027 година, сметам дека најголем процент од училиштата ќе бидат оптимизирани, а училишните паралелки доведени во состојба да работат по Закон, освен во средно стручно образување, каде што тоа не важи и може да има паралелки со по мал број. Претпоставам дека нема да можеме да завршиме се во една година, но верувам дека во следните две години и тој процес ќе биде завршен“, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
Ѓорѓиевски пак вели дека очекува трансформацијата на работните места на наставниците од времени да преминат во трајни ќе се случи во наредниот период, после локалните избори бидејќи во овој период не смее да се издаваат согласности, иако општините ги бараат..
„Дека имаме одблокирување на процесите, имаме. Дека имаме напредок, имаме. Дека тоа е доволно, не е доволно и треба со посилен интензитет сето тоа да се спроведе после изборите“, изјави Орце Ѓорѓиевски, претседател на ЗЕЛС.
Според информациите, околу една четвртина од наставниот кадар нема трајно вработување, а некои ангажирани лица чекаат трансформација на нивниот статус и 20 години.
